Судењето за тепачката во која беше повреден Христијан Пендиков во Охрид, кој неодамна стана бугарски државјанин се одложи поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен. По завршување на постапката Пендиков даваше изјави за новинарите пред судот.

На прашањето од новинарите дали се точни информациите дека тој од претходно се знаел со обвинетиот кој во јавуари годинава го претепа пред ноќен клуб во Охрид, Пендиков сакаше да одговори, но неговиот адвокат Стефан Камишевски ги прекина и не дозволи Пендиков ништо да каже.

Јас ќе одговарам на тоа прашање, се извинувам, изреагира адвокатот.

Новинарите побараа да дозволи прашањето да го одговори самиот Пендиков, но адвокатот рече: Јас не можам да ви дозволам бидејќи таквите факти се факти кои треба да се утврдат во една законски уредена судска постапка.

На инсистирањето на новинарите Пендиков да одговори дали се знае со обвинетиот Илија Спасески, и дека причина за тепачката всушност нешто друго, а не е неговото чувство дека е Бугарин, адвокатот повторно не дозволи.

Јас ќе ви одговарам. Може ли да ми дозволите да одговорам? Дали се знае или не се знае на таа околност, Пендиков даде одговор во Обвинителството и ќе даде одговор пред судот во постапката, кога ќе биде сослушан во својство на оштетен, рече адвокатот.

Тој потоа не дозволи други прашања за неговиот клиент со објаснување дека пендиков мора да замине за Софија.

Пендиков мора да се врати назад денес во Софија, бидејќи се уште му трае лекувањето и повредите не му се заздравени. Ви благодарам, рече адвокатот и ги прекина изјавите.

Претходно Пендиков пред медиумите се пожали дека добива закани заради неговата бугарска самосвест, но рече дека престојува нормално во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.