Една од обврските, што ги презема Република Македонија со потпишувањето на вториот Протокол од работата на меѓувладината македонско-бугарска комисија, е реафирмација на Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година, што беше усвоена од страна на Собранието на РМ во 2006 година.

Според содржината на објаснувањето, Владата презела обврски за создавање правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година. И оваа сеопфатна правна рамка треба да создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи.

Но, читајќи го внимателно текстот на овој дел од Протоколот, што предвидува и извесен реципроцитет со користењето и на бугарските архиви, се наметнува едно основно прашање, а тоа е зошто на наследниците на македонските комунисти од носителите на актуелната власт СДСМ им требаа цели 16 години за да признаат дека по Втората светска војна, репресивниот апарат на тоталитарниот режим делувал и против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување? Зашто, во усвоената Декларација од 2006 година не само што не се споменува комунизмот како термин, туку нема ниту збор за вакво нешто!

А, да биде апсурдот уште поголем, власта на наследниците на „шумкарите“, како што Бугарите ги именувале партизаните од НОБ, вината за таквите постапки ја префрла на југословенските, а не на македонските комунисти!? Како македонските да не биле дел од југословенските комунисти, што со други зборови значи и дека членовите на КПМ не биле дел од КПЈ, дека Лазар Колишевски бил југословенски, а не македонски лидер, дека неговите најблиски соработници, меѓу кои и Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија, исто така биле југословенски, а не македонски комунисти!? Па, поголема перверзија од ова-здравје!

И ова е само едната страна од медалот. Другата е не во некакво прашање или дилема, туку во признанието на наследниците на „шумкарите“ од СДСМ за постоење репресија врз граѓаните врз етно-политичка припадност, што, пак, има повеќедимензионално значење. Значи, неистомислениците на комунистите не биле гонети и репресирани само заради нивните идеолошки разлики, туку и поради нивната етничка припадност, што ќе рече затоа што биле „големи Македонци“, Бугари, Албанци, Турци, Власи, Срби, Црногорци…!

Ваквото признание на наследниците на македонските комунисти, сега конвертирани во ликот и делото на СДСМ, фактички во целост ги прифаќа и реализира тврдењата содржани во Тиранската платформа за геноцид извршен врз Албанците во Македонија од една, и врз Бугарите од друга страна.

Згора на ова, СДСМ вулгаризирано признава и тврди дека сите припадници на партизанските единици, не само што идеолошки биле комунисти, туку и дека припаѓале на македонскиот етнос, а сите припадници на ВМРО априори биле Бугари! Со ова, практично, се врши целосна елиминација на постоењето на автентичен македонски антикомунизам и делумно се прифаќа бугарската теза дека во Македонија немало антифашистичка, туку постоела само идеолошка војна!

Од чисто практична гледна точка, каква и да е идејата за реафирмација на жртвите на „претходниот режим“, мора да се напоменат неколку работи. Споменатите архиви, не само што се детално прочистувани, туку не се и целосно предадени во Државниот архив. Голем дел од досиејата, полициските и на некогашната УДБ-а, можеби најважните, се уште се во АНБ и нивното предавање не смее да се дозволи со претходно нивно прочистување, а уште помалку без евидентирање на секоја страница.

Каде се и како ќе се обезбеди предавање и пристап до документите на воените разузнавачки и контраразузнавачки служби е сосема трето прашање.

Но, за ефикасност на целата постапка мора да се обезбеди и судската документација од поствоените судења и над се, партиската архива на некогашната КПМ/СКМ. Зашто, репресивниот апарат од сите провиниенции работел под директни директиви на партијата. А, токму овие две документации, случајно или не, не се содржани во Протоколот.

Македонската лустрација „не чинеше“, сега да видиме дали ќе чини бугарската, особено од аспект на вистинска декомунизација на општеството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.