Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел на 16 и 17 март ќе престојува во официјална посета на земјава, каде како што е најавено, ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија.
Борел, како што е најавено, најпрво на 16-ти март ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, а во петок на 17-ти март ќе претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјава, каде Македонија ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а Европската комисија ќе ја претставува комесарот Вархеи.
По Советот, во 11:30 часот ќе следи заедничка прес-конференција.
За време на посетата, Борел, како што е најавено, ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието, замениците-претседатели, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието на Македонија.
Борел претходно неделава на 15 и 16 март ќе ја посети Албанија, каде како што е најавено ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, пред да претседава со 12-тиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија на 16 март.
Овие посети, како што е најавено, ќе бидат можност да се разговара за билатералните односи меѓу ЕУ и Албанија и ЕУ и Македонија, во согласност со нивните договори за стабилизација и асоцијација и да се разгледаат најновите случувања во двете земји и во Западен Балкан. Ова е првпат советите да се одржуваат во Тирана и Скопје.
Борел, по Скопје на 18 март заминува во Охрид, каде премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, како дел од дијалогот Белград-Приштина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.