Предизвиците со кои се соочуваат општините предизвикани од актуелната енергетска криза беше главната тема на денешната петта седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Управниот одбор на ЗЕЛС денеска донесе заклучок да и даде на Владата рок од седум дена да одговори на доставените барања и предлози од ЗЕЛС поврзани со овие предизвици, во спротивно ќе утврди дополнителни посериозни чекори, соопшти ЗЕЛС.

ЗЕЛС уште во февруари побара итен состанок со Владата, со премиерот Димитар Ковачевски и со претставници на ресорите кои се директно поврзани со справувањето со последиците од енергетската криза за да се најде решение за проблемите на граѓаните на локално ниво.

Градоначалниците, како што се наведува, веќе подолг период алармираат на повеќекратно зголемување на сметките за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе до 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата.

Управниот одбор на ЗЕЛС бара навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба, особено со пренесените надлежности за кои Владата треба да ги исполнува своите обврски, а доколку тоа не се случи час поскоро, ќе се доведе во прашање функционирањето на локално ниво, стои во соопштението.

Управниот одбор на ЗЕЛС дискутираше и за предизвиците што ги имаат најголем дел од општините со Агенцијата за катастар на недвижнини, особено во прибирањето на ажурирани податоци за наплата на данокот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.