Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири по денешното соопштување на пресудата – казна од две години и шест месеци за злоупотреба на службената положба и овластување, во изјава за медиумите рече оти таа е неоснована и дека ќе биде обжалена.

Мислам дека одлуката е неоснована. Ќе ја обжалиме одлуката, бидејќи во текот на целиот процес никаде и во ниту еден момент не беше докажана моја умисла во склучувањето на договорите, затоа што јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, рече Зеќири.

На Зеќири му остануваат уште 11 месеци во затвор, доколку остане на сила денешната одлука на Судот. Во казната затвор му се засметува и времето поминато во притвор и во куќен притвор.

Прашан како ќе ги обезбеди 71 милион денари, Зеќири рече дека ќе видат каква ќе биде конечната одлука, бидејќи ќе ја обжалат пресудата.

Според пресудата што денеска ја објави судијката Фанка Јанчуловска Михаиловски, осомничениот извршил две временски поврзани дејствија, преку кои како службено лице, презел дејствие со намера за друг да прибави имотна корист.

Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.

При одмерувањето на видот и на висината на кривичната санкција, судот имаше предвид дека за ова кривично дело, со измените на Кривичниот законик, е пропишана казна затвор од една до пет години. Како отежнителна околност, првенствено ја ценеше општествената опасност од овој вид кривични дела, зачестеноста на истите, како во нашата држава, така и пошироко, како и висината на имотната корист прибавена за двата економски оператори на штета на Буџетот. А сторувањето на кривичното дело, не само што е спротивно на јавно правниот карактер на функцијата генерален секретар, како прв човек на службата за стручна помош на Владата, туку создава и недоверба во власта и во носителите на јавни функции, беше кажано во судницата.

Како олеснителни околности, Судот ги ценел личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, потоа дека не е креатор на идејата за потребата од започнување постапка за јавно приватно партнерство или продажба на АД Пошта на РМ и на Железници на РМ транспорт, туку само го одбрал начинот на склучувањето на договорите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.