Претставници на бугарските здруженија во Македонија побараа да бидат вклучени во работната група за уставни измени, јавува бугарската новинска агенција „БТА“.

Како што се наведува, во писмо до премиерот Димитар Ковачевски, тие го поздравуваат создавањето на работната група, која ја оценуваат како чекор напред кон решавање на прашањето за вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот на земјата, со што, се гарантираат правата и слободите на претставниците на Бугарите во земјата, според основниот закон.

Потписниците на писмото бараат од Ковачевски да предложи во работната група да се вклучат и претставници на Бугарите во Македонија, за да го дадат својот конструктивен придонес во работата.

Бугарскиот народ беше најконструктивниот елемент во остварувањето на вековниот сон за независна, демократска и суверена Република Македонија, држава на сите граѓани кои живеат во неа, без разлика на етничка, верска, политичка, општествена или која било друга припадност. Но, со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17.11.1991 година, а подоцна и со сите амандмани, беше направена голема историска неправда и бугарскиот народ беше изоставен од преамбулата на Уставот. Оваа историска неправда ќе се исправи за да ги уживаме сите права и слободи кои произлегуваат од највисокиот правен акт заедно со другите народи веќе вклучени во преамбулата на Уставот на Република  Македонија за заедно да градиме подобра иднина. во нашата земја во која живееме и заедно го чекаме денот кога ќе ја видиме како полноправна членка на ЕУ, а со тоа и како дел од прогресивниот западен свет, се вели во писмото до Ковачевски, поддржано од претставници на 12 здруженија на бугарската заедница, пишува „БТА“.

Според пописот, во Македонија има 3.504 Бугари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.