Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје е завршена во текот на вчерашниот ден и телото е предадено на семејството, објави МКД.мк

Анализите по извршената обдукција која треба да ги утврди причините за насилната смрт, времето кога девојчето починало… се во тек и откако целосно ќе завршат, ќе биде изготвен обдукционен извештај кој со сите комплетни податоци и анализи ќе биде предаден на Основното јавно обвинителство Скопје.

Овој извештај ќе биде дел од клучните докази во истрагата за овој грозоморен настан.

Телото на Вања беше пронајдено во неделата и според полицијата и обвинителството извршителите на овој монструзен чин се истите со убиството на Панче Жежовски од Велес.

Осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски завршија во притвор од 48-часа кој завршува утре. Дали ќе се бара дополнителна мерка ќе треба да соопшти ОЈО Скопје. Притвор од 2 дена вчера доби и таткото на Вања осомничен дека учествувал во грозоморниот чин на грабнувањето на наеговата ќерка, која потоа беше убиена.

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Од скопското Јавно обвинителство информираа дека за осомничениот Палевски кој е во бегство, по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривичните дела грабнување и убиство. Денес Основниот кривичен суд му определи мерка притвор во отсуство која ќе почне да важи по неговото пронаоѓање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.