Со оглед на актуелната состојба во Израел, Владата на Македонија и Министерството за надворешни работи преземаат мерки со цел да се организира безбедно враќање на македонските државјани дома. Во моментов се разгледуваат сите расположливи можности за најбрзо враќање на нашите државјани во земјава, кои изразиле желба да се вратат и кои немаат други можности тоа да го остварат, соопшти владината прес-служба.

Имајќи предвид дека во Израел престојуваат поголем број државјани на Македонија, МНР веќе презема мерки, преку формираниот Кризен штаб, за евакуација на сите наши државјани кои сакаат да го напуштат Израел, а немаат или не можат да купат карти за комерцијалните авионски летови, или да ја напуштат територијата на Израел по копнен пат, преку Јордан.

Амбасадата во Тел Авив, како што се наведува во соопштението, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Сверена Македонија. Според проценки на Кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.

Некои од нив се вратени во земјата со специјални летови на пријателските држави на Република Македонија, некои имаат купени авионски карти за комерцијални летови во наредните денови, а има и македонски државјани кои во моментов, не можат да излезат од Израел и очекуваат тоа да им се овозможи.

За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.

-Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје, се потенцира во соопштението од Владата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.