Денес и утре во струшкиот хотел „Дрим“ ќр др одржи Третиот Преспа форум за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”. Форумот го организира Министерството за надворешни работи, а под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски.

Преспа форумот за дијалог оваа година се совпаѓа и со првиот јубилеј од потпишувањето на Преспанскиот договор.

Премиерот Ковачевски, како покровител, ќе ја предводи централната сесија на Конференцијата на тема „5 години по Преспанскиот договор: предизвици кои создаваат можности.“

Насловна тема на годинешниот ПФД е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија.

На дводневниот форум на едно место ќе бидат присутни видни домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, коишто ќе имаат одлична можност да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за најактуелните регионални и меѓународни теми.

Меѓу потврдените учесници се новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателите на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Албанија, Бајрам Бегај, претседателите на Владата на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Аљбин Курти, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, министрите за европски прашања од Србија и Албанија, Тања Мишевиќ и Мајлинда Дука, Питер Бурк од Ирска; Мартин Дворжак од Чешка, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, генералниот потсекретар на Обединетите нации, Мирослав Јенча, генералната потсекретарка на УНДП, Ивана Живковиќ и др.

Во рамки на форумот, ќе бидат потпишани Меморандум за разбирање помеѓу Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (МАРРИ) и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Пријатели на Европа (Friends of Europe).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.