Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ не знае зошто на синот на Талат Џафери, Барлет Џафери, му било дозволено да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители, иако немал диплома. Во гостувањето во Топ тема на Телма таа рече дека не ги погледнала документите и одби да коментира, но потсети дека Уставот на РМ на секој граѓанин му дава подеднакво право на образование и работа.
Аврамовска – Мадиќ ја доведе во прашање и точноста на состојбата што ја утврди Антикорупциската комисија, дека младиот Џафери положил правосуден испит пред да се стекне со диплома со соодветен степен на образование.
Јас не можам да дискутирам за документи кои не сум ги погледнала, прашањето ќе го адресирате до министерот кој потпишал да полага предвреме правосуден, доколку полагал предвреме правосуден испит, нагласи таа.
Академијата за судии и јавни обвинители денеска во Врховниот суд свечено им ги додели дипломите на синовите, ќерките, сопругите на поранешни и сегашни политичари, обвинители и судии кои го положија завршниот испит.
Најзвучни меѓу новите обвинители се имињата на Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието Талат Џафери; сопругата на првиот човек на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази. Снаата на генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова исто така ќе биде јавна обвинителка.
Сопругата на градоначалникот на Аеродром Симона Муцунска Бубевска ќе биде судијка, а колешка ќе ѝ биде Биљана Смаќоска, ќерка на обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска. Драган Јосифоски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска исто така ќе биде судија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.