Во владина постапка се законот за вработени во јавниот сектор и законот за административни службеници кои ќе се носат по скратена постапка и со европско знаменце, а треба да придонесат кон целиот екосистем во јавната администрација во државава, информираше денеска министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Законите се очекува да бидат изгласани на седница на Владата наредниот вторник, по што на прес-конференција ќе бидат презентирани сите детали поврзани со новините во овие закони.

Кај Законот за вработени во јавниот сектор, Алиу нагласи дека има значителни промени и подобрувања во споредба со стариот закон за вработени во јавниот сектор. Меѓу нив позначајни се воведување стриктна процедура при вработувањата да биде избран најдобриот, односно првиот на листата на пријавени кандидати за вработување во јавниот сектор. Али потсетува дека тоа не беше случај со стариот закон каде што имаше можности и вториот, третиот од листа да биде вработен на таа работна позиција. Понатаму, се забранува можноста за вработување на определено време на раководни работни места во цел јавен сектор и се забранува вработување преку Агенција за привремени вработувања.

Исто така, се ограничува можноста за измена на акти за систематизација. Сега веќе со новиот закон актите за систематизација максимум може да се изменат двапати годишно. Со тоа исто така се избегнува злоупотреба на често менување на актите за систематизација. Цениме дека овој закон ќе придонесе кон вкупното подобрување кај вработените во јавниот сектор и е исто така во согласност со ЕУ-директивите и ЕУ-вредностите – подвлекува министерот Алиу.

Во однос на Законот за административни службеници, тој додаде дека исто така има значителни промени за негово подобрување. За балансерот и злоупотребите што се правеа досега, со измените, се забранува менување на профилот на лицата по линија на матичен број и националност во системот за администрација штом еднаш биле внесени. Со тоа, нагласува тој, ќе се избегне промена на националноста во системот за полагање на испити. Втората промена е одвојување на испитот со постапката за вработување. Досега испитот се поврзуваше со огласи и се полагаше тогаш кога има некој оглас. Сега, вели, веќе испитот може да се полага секоја недела во зависност од потребите на граѓанинот. Промена има и во бројот на членови за дисциплинска комисија. Со стариот закон тие беа седум, а сега ќе има само тројца што ќе придонесе кон побрзо решавање на евентуални проблеми во процесот на вработување на административни службеници.

Првпат исто така се утврдуваат политиките за задржување на кадарот на сите административни службеници со цел намалување на одливот којшто го имаме сега на кадар од јавен во приватен сектор. Сега веќе на функционерите им се дава можност тие вработени да можат до 30 проценти да имаат зголемување на плата. Исто така, знаете дека ИПА фондовите и структурите на ЕУ, ИПА-структурите се многу битни особено во овој период за државата. Сега веќе се воведува можноста за до 45 проценти зголемување на додатоци за вработените кои се активни во процесите и ги имплементираат ИПА-процесите. Овие се неколку промени, да кажеме најбитните, но исто така сите закони се усогласени со ЕУ-директивите и процесите коишто ги бара ЕУ од нас – потенцира министерот Алиу.

На прашањето дали очекува да се намали партиското влијание при вработување и да има поефикасна администрација, Алиу е уверен дека со измените на законите ќе се постигне оптимална јавна администрација во однос на бројот и услугите.

Целта на МИОА е да креира закони во коишто ќе ги дефинираме јасно процесите и процедурите. Ние веруваме длабоко дека со јасно дефинирани процеси и процедури ние ќе ги намалиме тие злоупотреби. Идејата е исто така јавната администрација да биде оптимална и од аспект на број, но и од аспект на сервиси коишто ги нуди за граѓаните. Затоа работиме паралелно и со овие законски решенија каде што јас длабоко уверувам дека ќе биде подобрен тој процес, но исто така и во дигитализација на процесите каде што цело време велиме дека ќе бидеме и потранспарентни и дека ќе се намали таа корупција во јавната администрација – оценува Алиу.

Во однос на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тој нагласи дека се менува членот 101 во 101 а и 101 б, каде што во 101 а се дефинира дека со 0,1 процент од буџетот ќе може да се имплементираат кампањи кои се од интерес за граѓаните. Темите на кампањите не смеат да бидат ниту политички, ниту партиски, туку наменети за комуницирање известување на граѓаните за процесите. Во вториот став се регулира креирањето на Комисијата која ќе одлучува, а ќе биде составена од тројца членови/пратеници од парламентарното мнозинство и тројца членови/ пратеници од опозицијата.

Ние ќе продолжиме да работиме на овој закон бидејќи се уште немаме дефинирано ни портали, ниту печатени медиуми, ниту други процеси. Ние сме во тек и со локални и со надворешни експерти каде што ќе имаме и презентации и ќе имаме многу брзо измени во некои членови од истиот закон се со цел да биде целиот еко-систем во медиумите вклучен, значи да имаме законско решение за сите процеси. Знаете дека денеска имаме неколку начини како комуницираме со граѓаните и тие процеси, тие мултимедијални содржини и канали за комуникација не се воопшто или многу малку се дел од законите од овој закон во моментот.

Средствата предвидени за оваа намена, според законот, ќе бидат распределени 65 проценти на телевизии на национално ниво, 25 проценти на телевизии на регионално и 10 проценти на локално ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.