Во Собранието за во понеделник во 15 часот е закажана  104. седница на која ќе се одлучува за Предлогот за реконструкција на Владата што го испрати премиерот Димитар Ковачевски. Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет е за четворица министри и пет заменици министри, а следуваше по преговорите за приклучување на Алијансата за Албанците (АА) во владиното мнозинство.

Прва точка на дневниот ред на 104. седница е  предлогот за разрешување на министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и на Џемаил Чупи, од функцијата министер без ресор за дијаспора, тројцата кадри од актуелниот коалициски партнер Алтерантива.

Како следна точка е изборот на предложените нови министри, Кренар Лога, за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу  за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за министер за животна средина и просторно планирање. Лога ќе го замени Никола Тупанчевски од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.  Шукова, пак, доаѓа на местото на досегашниот министер во животна средина Насер Нуредини од ДУИ.

Со реконструкцијата се опфатени замениците министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. На 104. собраниска седница, според дневниот ред, треба да бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик образование. Ќе се гласа за новите предлози  за заменици министри, за одбрана за каде е предложен Тирон Јајага, за земјоделство за Вјолца Бериша, кадри на АА, за правда  – Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, како и за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.

Коалицискиот партнер во власта Алтернатива, кој раководи со министерствата за здравство и  за информатичко општество и администрација, а има кадри и во пониските ешалони на власта, за утре најави седница на Претседателството на која ќе одлучува за натамошното делување.

Од СДСМ денеска  порачаа дека Алтернатива е добредојдена и, како што рече пратеникот и портпарол Дарко Каевски, „нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, не само кон оваа, туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба“.

Каевски на прес-конференција рече дека на партијата на Африм Гаши и била понудена опција за продолжување на соработката  и дека СДСМ  јавно соопштил оти има намера соработката да продолжи.

-Дадовме простор и предлог-решенија со својот кадровски потенцијал да дадат придонес во коалицијата, но, за жал, не дадоа свој предлог, со што де факто одлучија да ја прекинат соработката до овој момент.  Партијата е добродојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, но не само кон Алтернатива туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, рече Каевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.