Придобивките од членството во ЕУ, значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократски стандарди останува врвен приоритет за партијата, рече претседателката на Либерално – демократската партија Моника Зајкова во рамките на панел дискусијата „ЕУ Интеграции – Кој е следниот чекор?“ организирана од Либерален институт – Скопје.

Покрај Зајкова говорник на панел дискусијата беше и Бо Мандеруп Јенсен од Данска, искусен политичар со работа во институциите на ЕУ, а моментално е претседател на Бордот на директори на данската програма за либерална демократија.

Зајкова во своето излагање, посочи дека ЛДП е континуиран поддржувач на забрзаната европска интеграција на Македонија. Таа истакна дека државата е веќе длабоко вкоренета во процесот на приближување кон ЕУ.

-Соочени сме со бројни предизвици, вклучувајќи ја и потребата за значителни реформи во јавната администрација и правосудството, а државата треба да се фокусира и на имплементација на 40 препораки од ОБСЕ и ЕУ, кои новата влада треба да ги усвои и спроведе, рече Зајкова.

Како што посочи, соработката со либералите во ЕУ е клучна за напредокот на Македонија.

Мандеруп Јенсен во својот говор сподели детали од историјата на Данска и нејзините дебати околу членството во ЕУ, кои траеле долги 15 години.

-Процесот на интеграција во ЕУ е сложен и бара исполнување на 35 поглавја, но тоа е предизвик кој носи многу придобивки за вашата земја, истакна тој.

Според него, инвестирањето во ЕУ членство носи многу повеќе корист отколку загуба, објаснувајќи дека иако Данска не е дел од еврозоната и сè уште ја користи својата валута, таа има солидна монетарна независност.

ЛДП е активен член на АЛДЕ од нејзиното основање и е препозната во Европскиот парламент што е голема предност во лобирањето за исполнување на стратешките интереси.

Заклучокот од оваа панел дискусија е тоа што придобивките од членството во ЕУ, значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократски стандарди останува врвен приоритет за партијата.

Овој настан јасно покажува дека политичките и економските лидери се подготвени да ги водат своите земји кон подлабока европска интеграција, со што се обезбедува стабилност, напредок и унапредување на демократските вредности на Балканот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.