Опсесивната заложба што поскоро да се спроведат уставните измени очигледно излегува од секаква рамка на нормално демократско и, пред сè, законско функционирање кога станува збор за обезбедување двотретинско мнозинство, па се користат буквално сите расположливи средства да се дојде до фамозната бројка од 80 пратеници, анализира „Нова Македонија“.

Впрочем, пишува весникот, веќе и никој не крие дека под површината се одвиваат некакви разговори и пазарења, иако официјалните изјави се во насока дека се разговара без притисоци, отворено се аргументираат придобивките од одблокирање на процесот на уставни измени и ништо повеќе.

Сепак јавноста, поучена од досегашните искуства, се сомнева дека повторно во игра се некакви заткулисни игри, а во еден таков контекст се става и неодамнешното експресно носење на измените на Кривичниот законик, потег од кој останаа изненадени и ЕУ и САД.

Ни малку случајни не се ниту последните прозивки меѓу власта и опозицијата за тоа дали и кој имал тајни средби со поранешниот премиер во Будимпешта, дали се договарала амнестија, дали биле побарани помилувања од претседателот на државата и слични инсинуации, кои, секако, имаат некаква употребна вредност и, ако ништо друго, претставуваат еден вид лакмус за реакциите во јавноста дали сето тоа може да помине.

Едно е повеќе од јасно, дека во тек е сериозна операција за обезбедување двотретинско мнозинство и дека на сцена е пазар од најнизок вид, без да се води сметка дали во целата оваа работа има и елементи за кривични дела, особено сега кога дополнително е намалена казнивоста на функционерите.

Недостига добра волја. Недостига едно разбирање, пред сè во СДСМ и ДУИ, дека оваа работа не можат да ја истераат со сила и со уцени. Не може да се приведе опозицијата на гласање, да најдат осум пратеници што ќе ги поддржат уставните измени. По моето разбирање, за тоа се оди во затвор. Велат, разговараме пратеник по пратеник, човек по човек. За што разговарате вие со луѓето? Се убедувате за прашања за кои треба да се убедуваме јавно, пред камери, на дебати или правите некакви шмеќарлаци за да ги уценувате луѓето или да им нудите нешто? За што разговарате? Така не може да се реши работата. Мене ми е тотално неразбирливо зошто не се отвори една сериозна политичка јавна дебата, ама не сами со себе, туку власта со опозицијата за тоа какво уставно решение треба да се донесе, еве за внесување на Бугарите во Уставот, кое е најдоброто решение, туку веднаш се истрча, се тупна на маса едно решение и се вели ова е решението за кое треба да разговараме и сега дај да видиме како да го прифатиме, како да постигнеме компромис, вели новинарот Бранко Героски, изнесувајќи ги сопствените видувања во јавноста за преговорите што власта ги води со пратениците од опозицијата.

Целата сторија на „Нова Македонија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.