Министерот за надворешни работи Бујар Османи и натаму смета дека Европскиот фронт ја претставува мнозинската волја на Албанците, а не Вреди која освоила помалку гласови.

„ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме, бидејќи има луѓе кои веќе чувствуваат дека нивниот глас е ништовен. Кој е критериумот за дефинирање на релевантноста? Кој одредува што е малку а што многу, ако не малцинство и мнозинство?“, прашува Османи во интервју за Канал 5.

Османи кажа дека Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е исто.

„Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е еден ист концепт. Јас ви велам – Милошевиќ го правеше тоа во Косово. Рахман Морина го стави претседател на Косово, а Албанците велеа – кој ти е овој?“, рече Османи.

Потпретседателот на ДУИ посочи дека при состав на влада, не може да функционира моделот на „преферирани Албанци“.

„Ние имавме натпревар со Вреди, тежок натпревар. И победивме. И, чуму таа победа? Зошто мнозинството Албанци одлучија меѓу Европскиот фронт и Вреди, ако нивниот глас е ништовен? Оваа дебата е сериозна. Рамковниот договор воведе механизми за заштита од мајоризација на немнозинските заедници. И ова веќе не е прашање на ДУИ. Ова ќе ги разгневи сите Албанци, заради тоа што тие ќе почнат да чувствуваат дека веќе нивниот глас не важи, дека е ништовен, и тоа ќе отвори многу теми а такви теми не ни се потребни“, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.