Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во синоќешното гостување на Сител се обиде да ни одржи скратен илустративен час по историја. И тоа не за општата, туку за онаа „заедничката“, што е основен камен на сопнување во македонско-бугарските односи, а со францускиот предлог стана и заеднички став и услов за конечно отпочнување на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.
За жал, неговиот „илустративен дел“ се претвори во обична фарса, зашто излезе како да доаѓа од онаа позната фраза за „големи мисли од малиот ум“. А, ниту мислите му се големи, ниту умот му е мал. Да не говориме за тоа дека манифестираше и сериозни проблеми со вистината во објаснувањето на улогата на заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, притоа повторно ставајќи ја во преден план политиката наместо науката. И што е најтрагично, поразот на македонската страна се обиде да ни го продаде како победа. Зашто, поразот не почнува со францускиот предлог, туку со терминот „заедничка историја“ содржан во Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, што е основата за сите проблеми. Инаку, зошто Бугарија немаше никакви проблеми со добрососедството се до нејзиното влегување во ЕУ, немаше проблеми со членството на Македонија во НАТО?, анализира „Пресинг ТВ“.
Бугарија својата стратегија за политиката кон Република Македонија и Македонците ја донесе и усвои во 2008 година и Османи нека не се прави дека не го знае тој факт и документ. А, ако навистина го нема видено, нека каже, ќе му го презентираме и предадеме в раце.
Кого Османи сака да убеди дека „улогата на заедничката македонско – бугарска комисија не е ретуширање на историјата, не е да се пишува историјата одново или да се ревидира, туку да се најдат заеднички точки за историски настани и личности, кои ќе бидат мост за подобро разбирање и зближување помеѓу народите, да објасни што е заедничко“!
– Кога бевме во канцеларијата на претстедателот Радев на највисокото место во неговата канцеларија е сликата на Гоце Делчев, што значи дека нивното верување дека имаат врска со Гоце Делчев е реалност. Ние може да игнорираме дека не постојат проблеми во историските интерпретации, но одете во Бугарија и ќе видите дека тие таму имаат универзитети, градови со исти имиња, што значи дека проблемот со интерпретацијата е реален, ајде да видиме како тоа да го ставиме во функција на подобра меѓусебна соработка, отколку конфликти, и тоа е улогата на комисијата за историски прашања, изјави Османи.
Изјави и остана жив! Како „клучен доказ“ за „заедничката историја“ Османи ни го нуди тоа што во кабинетот на Радев имало слика на Гоце Делчев!? Види мајкатааа! Па, во кабинетот на бугарскиот претседател има слики и од браќата Миладиновци.
Но, не е работата во тоа. Во главните одаи на бугарскиот царски дворец, во времињата на Цар Фердинанд и на Цар Борис III веројатно имало слики и од руски и од германски императори, сигурно и од Адолф Хитлер во одреден период. Исто како што во претседателските кабинети на Република Бугарија, без разлика на тоа дали била комунистичка или демократска, имало слики и на други личносто домашни и странски. Може Османи да тврди или да негира дека, на пример, во времето на Георги Димитров или на Тодор Живков немало слики на Сталин или на Леонид Брежњев? Не може ни едното, ни другото, исто како што не може да се тврди или негира дека до ден денешен во наши институции нема слики од Јосип Броз Тито или од Лазар Колишевски.
Застрашувачки делува убеденоста на Османи дека усвоените препораки на македонските „историчари“ за заедничкото чествување на светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и за Цар Самоил се прифатливи! Тоа значи дека до него не допираат реакциите на целата научна македонска мисла оти тие во целост се препознаваат како прифаќање на бугарскиот историски наратив, што не може да се оправда со некаков измислен реципроцитет. При ова, Османи очигледно има сериозни проблеми со вистината. Па, во првиот меѓувладин протокол му стои дека неговиот сопартиец и претседател на Собранието, Талат Џафери, пред три години 24 Мај заеднички го чествувал како Ден на бугарското образование, култура и словенска писменост! Сосема друго е што заедничкото чествување е една работа, а прилагодувањето на македонските учебници со бугарскиот наратив е сосема друга работа.
И како мисли да ја убедува македонската јавност, односно граѓаните етнички Македонци, во нешто спротивно од ова? Со манифестирање политичка сила и моќ, со елиминирање на целата македонска научна мисла, со приватизирање на државните институции, со ставање на политичкиот, а не на научниот пиедестал на „органските“ купени и продадени членови на комисијата од македонскиот дел? На крајот на краиштата, како мисли Македонците да чествуваат нешто заеднички со оние кои не ги ни признаваат дека постојат, кои не им го признаваат јазикот, кои им ја негираат етногенезата, историјата, корените…кои сакаат да ги бугаризираат, а од Република Македонија да направат втора бугарска држава? Едноставно, македонизмот не признава ниту (нео)врховизам, ниту бугаризација. Тоа Османи ќе може да го прави како Албанец заедно со македонските продадени, анационални, бугарски јаничари заседнати во актуелната власт, ама не и со граѓаните етнички Македонци. Тие најдобо знаат дали Османи како прв дипломат во „битката“ со бугарските шовинистички барања постигнал победа или пораз од 3:1.-се наведува во анализата на „Пресинг ТВ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.