Пред 32 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава, Република Македонија.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.
Низ 32-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.
На 17 јуни 2018 година, во Прeспа, со потпишување договор меѓу Република Македонија и Грција, името на државата беше сменет во Република Cеверна Македонија. На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО.
Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија, која бара промена на Уставот, како услов да го тргне ветото за почнување на преговарачкиот процес со Унијата. За да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ Софија бара Бугарите да бидат вклучени во Уставот.
Во Собранието минатиот месец почна пленарната седница за усвојувањето на амандманите за уставни измени, но поради тоа што Владата го нема потребното двотретинско мнозинство, односно нема поддршка од опозицијата, седницата е одложена до моментто кога ќе се создадат соодветни услови, односно ќе има доволен број пратеници за да гласаат за уставните измени.
Триесет и вториот роденден државата го одбележува со стапка на невработеност од 13,1 процент, раст на БДП од 2,5 отсто, 36 527 денари просечна нето плата и инфлација од 8,3 отсто
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.