Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, изјави дека партијата го поддржува предлогот граѓани кои имаат лични документи со старото име нa државата да можат да гласаат.

Тој на прес-конференцијата по посетата на винаријата Брзанов во населеното место Трубарево одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека за предлогот се дискутирало уште од крајот на минатата година.

Ќе поддржиме и веќе се разговара. Работните групи кои работат на Изборниот закон уште од крајот на минатата година работат на решение да има одредба со кој ќе се дозволи на секој граѓанин да го оствари своето гласачко право – истакна Ковачевски.

Во однос на бројот на граѓани кои не поседуваат лични документи рече дека не може да каже точен број, но дека мора да им се обезбеди право да гласаат на изборите.

За точниот број на граѓани може да го кажат тоа во ДИК и МВР, но се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите – посочи тој.

Ковачевски, исто така рече дека што се однесува до кандидатските листи за парламентарните избори СДСМ ќе има носители во сите шест изборни единици.

Во моментов тече постапката за номинирање на кандидати на пратеничките листи. Можам да кажам дека имаме над илјада потенцијални кандидати предложени од општинските организации од кои околу 600 имаат поднесено кандидатури и во моментов секретаријатот на партијата работи на комуникација со општинските организации на првичната селекција и потоа настапува постапката на раководството на извршниот одбор и кога ќе бидат точно одредени кандидатите кои ќе бидат на пратеничките листи – рече Ковачевски.

Што се однесува на поддршката на претседателските кандидати во вториот круг тој рече дека сите граѓани кои се залагале за државата да стане членка на ЕУ до 2030 година ќе гласаат за Стево Пендаровски.

Ние имаме јасна понуда за македонските гласачи, а тоа е кандидат кој се застапува исто како нашата партија. И сите оние кои се залагаат за Македонија земја која оди напред, која до 2030 година ќе стане членка на европската унија ќе го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски – изјави Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.