Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска информираше дека го примил Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Македонија од Владата. Тој веднаш го доставил предлогот до пратениците во Собранието и со оваа постапка почнуваат да течат временските рокови предвидени со Уставот и Деловникот на Собранието.
Ја информираме јавноста дека, согласно Уставот и Деловникот, претседателот веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11.00 часот. Пред да се разгледа Предлогот на пленарна седница, согласно прописите, Предлогот ќе го разгледа Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е претседателот Џафери. Седница на Комисијата за уставни прашања е закажана за 25 јули во 10 часот. Согласно законските одредби, Комисијата треба да расправа по Предлогот најмногу 10 работни дена. Со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август. По што, Предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до 10 работни денови.
Доколку, со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува Заклучок и го праќа материјалот до Владата на Република Македонија. Собранието, со Заклучокот утврдува рок во кој подносителот (Владата), изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив.
Работата на Комисијата за уставни прашања и пленарната седница ќе бидат пренесувани во живо на Собранискиот ТВ канал и граѓаните ќе имаат постојан увид во работата на Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.