Повеќе од половина од трасата на регионалниот пат Ранковце-село Герман е пробиена, а екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патни правци, секција Крива Паланка веќе втор ден интензивно го пробиваат овој правец.
Како што информира раководителот на секцијата Боби Димитровски, се работи во екстремно лоши услови, висината на снежната покривка е околу осумдесетина сантиметри, а силниот ветар континуирано прави навеви на патот, високи и над еден метар.
Овој патен правец е планински, работиме интензивно, условите се отежнати, но веќе успешно е расчистен поголем дел од трасата. Машините се стасани до село П’клиште, очекувам дека до крајот на денот ќе биде пробиен и расчистен целиот пат. Инаку, сите останати регионални патни правци, кон повисоките села: Огут, Луке, се проодни, а чист е целосно магистралниот пат А2, рече Димитровски.
Градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски, информира дека селото е отсечено втор ден, а лошите временски услови ја отежнуваат работата на екипите за расчистување.
Вкупно шеснаесет ученици кои учат во селото денеска не се на настава бидејќи ниту наставниците не можеа да доспеат до своите работни места.
Селото Дренак во Крива Паланка е остечено уште од четврток, по паѓањето на снегот, но овој патен правец што го поврзува селото и осуммината жители што живеат на 40- тина километри од градот, е локален,но и земјен пат, така што, истиот не може да се расчисти и речиси секоја зима е неминовна невоља што ги снаоѓа мештаните, велат од Подрачната единица на ЦУК, Крива Паланка.
Пепица Давитковска, жителка на селото, рече дека нејзиниот сопруг е во селото и информира дека снежната покривка е околу четириесетина сантиметри.
Таа со своите деца е во градот, дечињата редовно се сместени во општинскиот ученички дом, од каде одат на настава, а престојуваат од понеделник до петок. Но таа има изнајмено стан под кирија и ги прифаќа за време на викендите, прва зима, бидејќи досега тие не можеле да одат дома за викенд и по неколку месеци за време на зимскиот период, па биле приморани да остануваат кај роднини или соседи во градот.
Што се однесува до останатите села, и Нерав е отсечено веќе трет ден, а за зимско одржување на овој локален пат задолжени се екипите на Јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка кои, според директорот Миле Марковски,на терен се и вчера и денеска.
Екипите и механизација се на терен, се расчистува, но станува збор за лоша конфигурацијата на теренот, заледени површини и многу потешки се условите за работа. И нашите вработени прават напори за расчистување во што пократок рок, но вчера помагаа и мештаните, информира Марковски.
Информира дека во текот на изминатите 24 часа од страна на екипи на ЈП Комуналец расчистени се локалните патишта кон селата: Подржикоњ, Странци, денес интензивно се работи на расчистување на патните правци кон село Дурачка Река, Метов и кон Трново.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.