Бугарската делегација предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска денеска ја продолжува работната посета на Македонија. Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Македонија.
Во фокусот вчера, на првиот ден од посетата, беше опожарениот Центар за култура „Иван Михајлов“ во Битола. Осуди за палењето на Центарот стигнаа од македонска и бугарска страна, а сите нагласија дека се работи за вандалски чин и порачаа побрзо да се најдат сторителите.
Османи и Генчовска заеднички остро го осудија инцидентот во Битола и најавија дека двете министерства ќе продлжат да наоѓаат заемно прифатливи решенија и да ги унапредуваат билатерталните односи помеѓу двете земји.
Разговорите протекоа во пријателска и конструктивна атмосфера во функција на продолжување на дијалогот меѓу двете министерства за надминување на отворените билатерални прашања согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и унапредување на евроинтеграцискиот процес на Македонија, информира МНР по средбата.
Разговорите, како што истакнаа од МНР, дополнително ќе се интензивираат во периодот кој претстои„ во насока на изнаоѓање заемни решенија за остварување на споделената цел за унапредување на европската иднина на Македонија.
Остри реакции пристигнаа и од бугарскиот државен врв во врска со палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Осуди стигнаа и од претседателот на државата Стево Пендаровски и од премиерот Димитар Ковачевски.
Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Тој ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага, да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.
Според премиерот Ковачевски, во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо.
Дадов јасни насоки до надлежните институции веднаш да го расчистат случајот. Ваквите потпалувачки провокации имаат цел да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Затоа, повикувам сите да останеме смирени и достоинствени, а со сторителите ќе се справат институциите, напиша на Фејсбук премиерот Ковачевски.
Опозицијата, пак, смета дека вакви инциденти се случуваат поради нефункционалноста на институциите.
Бугарија треба да покаже разум и мислам дека треба да го тргнат ветото. Ако сакаат да наоѓаат причини за да го остават ветото можат секогаш да наоѓаат причини, како и во животот можете да најдете причина да со некого сте пријател, можете да најдете 1.000 причини со некого да сте непријател. Тоа е нивниот избор, но треба да се свесни дека од нивниот однос зависи и нашиот однос и односот на граѓаните на Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола вчера извршија увид на објектот. Според првичните наоди од увидот, опожарен е влезниот дел од објектот, подигнати се траги од местото за кои јавниот обвинител издало наредба за вештачење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.