Во време на глобални предизвици, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода. Оваа порака ја испрати денеска претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски одцентралната прослава за одбележување на 121 година Илинден од Крушево.
Во својот говор Мицкоски се осврна на значењето на Илинден како историска вистина, на храброста, но и визијата на Илинденците.
Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел. Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел. Тоа е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни. Борбата не е завршена, борбата продолжува. Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек на Македонија. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме, рече Мицкоски.
Најважниот дел од секоја борба е единството, потенцира премиерот осврнувајќи се зборовите од Крушевскиот манифест, кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, повикува и на единство.
Врз тоа единство се градеше Крушевската Република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. А денес имаме сериозни обиди за нарушување на единството. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат единството, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.