Премиерот Христијан Мицкоски смета дека со вработувањето на приватните специјализанти ќе се надмине, како што рече, „акутниот проблем што им се потценува трудот на младите лекари“.

Во изјава за медиуми по доделувањето на наградите во Стопанска комора, Мицкоски денеска потенцираше дека со одлуката на Влада за вработување на 600 специјализанти, ќе им се понуди вработување во здравствените установи каде што има потреба.

– Оваа година се триста такви места и 300 се за следната година и на тој начин сите овие 600 ќе бидат понудени. Можеби ќе се случи некој да одбие, да рече не сум заинтересиран, не сакам, итн. Ние како Влада нудиме да може да обезбедиме работа за овие луѓе, така што се надевам дека ќе биде позитивен одговорот, изјави премиерот.

Со одлуката на Владата, Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години по 300 лица годишно.

Критериумите за вработување на приватните специјализанти денеска беа и во фокусот на состанокот на министерот за здравство, Арбен Таравари, со Здружението на лекари специјализанти.

Таравари, кој утрово беше во посета на Детската клиника, изјави дека негов приоритет било да најде решение за специјализантите и оти оваа година од вкупно 647 ќе бидат вработени 300, но за тоа ќе треба да бидат воспоставени критериуми.

-Јас сум многу среќен што успеав првиот месец да изнајдеме решение. По информација на Министерството тоа помина во Влада, од вкупно 647 специјализанти 300 ќе бидат вработени оваа година. Сега треба да поставиме критериуми и потоа да побараме кај има интерес во јавните здравствени установи и 300 други ќе останат за идната година. Во меѓувреме, следната моја заложба ќе биде да видиме и овие коишто подолг период, посебно, среден медицински персонал кои подолг период работат и немаат решение за работа да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени, рече Таравари.

Според него, за тие вработувања нема да се чека новиот Буџет. – Нема да се чека новиот буџет. Ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го менаџираме тоа. Меѓутоа, ни треба време да се синхронизираме и со другите министри. Јас сум оптимист дека и оваа работа како и со специјализантите, како и со позитивната листа ќе ја завршиме, рече министерот за здравство.

Како што информираше, пак, Александра Ѓорѓиева, претседателка на Здружение на лекари специјализанти, во изјава за МИА по состанокот, разговарале за повеќе критериуми како што се просекот, годината на специјализација, местото на живеење на специјализантот и типот на специјализација согласно потребите на јавно здравствените установи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.