Инспекторите од Одделението за криминалистички работи Гази Баба се соочуваат со недостаток на компјутери за работа и застарени возила. Ова го констатирал министерот за внатрешни работи кој денеска остварил работни посети на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, Полициското одделение Петровец, Единицата за внатрешни работи Гази Баба и Единицата за недозволена трговија.

Како што информираат од МВР, главен проблем кој го истакнале речиси сите полициски службеници при посетата во Одделението во Гази Баба, е ниската плата во однос на сродните професии, поради што, како што наведуваат, полициската работа станува сè помалку атрактивна и сè повеќе колеги го напуштаат МВР.

Во врска со мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, од МВР наведуваат дека таа е една од ретките организациски единици каде нема недостаток на возила и соодветна техничка опрема за работа и оваа организациска единица има сериозен удел во делот на изречени прекршочни санкции од областа на сообраќајот, бидејќи истата во континуитет спроведува акциски контроли низи државата по претходно изготвен план од Бирото за јавна безбедност.

Полициското одделение Петровец ги покрива општините Илинден и Петровец и огромна територија, а се соочува со недостаток на човечки ресурси и возила кои им се неопходни за да можат квалитетно да ги извршуваат секојдневните задачи. Во иднина треба да се размислува ова одделение да се трансформира во полициска станица или да се отвори уште едно полициско одделение во Општина Илинден, имајќи ја предвид територијата и бројот на население кои живеат во оваа општина, наведуваат оттаму.

Министерот, полициските раководства и полициските службеници заедно констатирале дека во иднина треба да се направат длабоки реформи во МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.