Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ги посети воените доктори и медицинскиот персонал во Военомедицинскиот центар на Армијата на Република Македонија, каде разговараше со потполковничката Елизабета Наумоска, командант на Центарот и со лекарите и медицинскиот персонал, а го посети и одделот за специјалистичка консултативна дејност, биохемиската лабораторија и одделот за медицинска обука.

Военомедицинската дејност е круцијална за одржување на борбената готовност на командите и единиците на Армијата и затоа Министерството придава големо значење и на развојот на Военомедицинскиот центар и на развојот на лекарите и медицинскиот персонал во овој Центар, рече министерката.

Петровска, како што соопшти Министерството за одбрана, му се заблагодари на целиот медицински тим за нивниот придонес при реализацијата на воените вежби, вклучувајќи ја и овогодинешната, најголема досега вежба во нашата држава, „Swift Response 22“, медицинската поддршка на активностите на Балканските наменски сили, како и несебичната поддршка на државното здравство во време на пандемијата на корона – вирусот.

Во првиот бран на коронавирусот, додаваат, со поставувањето на Лесната полска болница, Центарот ги зголеми националните капацитети за одговор на пандемијата, а подоцна и воените лекари и медицинскиот персонал беа вклучени во лекувањето на граѓаните.

Баталјонот за медицинска поддршка (Военомедицинскиот центар) дава здравствена заштита на примарно и секундарно ниво на армиските припадници и на сите граѓани, нуди  медицинска поддршка на сите активности на Министерството и на Армијата, врши медицинска обука, како и стоматолошка, психолошка и ветеринарна заштита. Воедно Центарот е дел од националниот систем за одговор при кризни состојби и природни катастрофи, наведува Министерството за одбрана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.