На шестиот кат на зградата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се канцелариите на десетте портали на Артан Груби, кои се финансираат со парите на граѓаните. Станува збор за криминална организација незамислива до сега, истакнаа денеска од Европскиот сојуз за промена на настан пред Министерството, лепејќи плакати со имињата на порталите.

Во оваа зграда, како што беше речено на настанот, се порталите „indeks.mk“, „dosie.mk“, „revista.mk“, „desk.mk“, „redakcija.mk“, „ditari.mk“, „lapsi.mk“, „politika.mk“.

Како што објавија медиумите Радио Слободна Европа и Призма, Артан Груби ги регистрирал овие портали на име Иљириана Бајрами, која е сопруга на Перпарим Бајрами, шефот на кабинетот на директор за Државна лотарија. Тој е најблискиот човек на Груби. Дури и порталот „indeks.mk“, во кој најмногу се промовира Груби, е регистриран од самиот Бајрами, наведоа во изјава за медиумите претставниците на Европскиот сојуз за промена.

Според Европскиот сојуз за промена, ова е доказ дека криминалот и корупцијата на Груби и Ахмети се претворија во рак на општеството.

Сите знаеме дека Артан Груби го предводи Министерството за политички систем со кое раководи во медиумскиот центар, но никој не ни замислуваше дека ќе навлезе во вакви криминални димензии. Наместо да го користи Министерството во интерес на граѓаните, тој го претвори во пропагандна машинерија преку која ги напаѓа политичките противници, тврдат од албанскиот опозициски блок.

Од Европски сојуз за промена го повикуваат премиерот Димитар Ковачевски да го разреши Груби од вицепремиерската функција и од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Уште колку скандали треба да излезат на виделина за Артан Груби да сноси политичка и кривична одговорност? Затоа бараме од премиерот Димитар Ковачевски веднаш да го разреши Артан Груби од вицепремиерската функција и од ова Министерство. Ако премиерот молчи, тоа значи дека се согласува и соработува со Артан Груби и Али Ахмети, потенцираат од Европски сојуз за промена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.