Вкупно 3 504 лица што живеат во земјава се изјасниле како етнички Бугари за време на пописот во земјава од 5 до 30 септември минатата година. Според податоците што ги презентира ДЗС, тоа е 0,19 отсто од вкупното резидентно население во земјава. Од нив повеќето се мажи 2 121, а 1 383 се жени.

Во споредба со пописот од 2002 година повеќе од двојно e зголемен бројот на лица кои се изјасниле како етнички Бугари, односно тогашната бројка е 1 487.

Со сегашниот процент на вклученост во резидентното население, Бугарите се деветта по застапеност етничка заедница во земјава, а втора од заедниците кои не се опфатени со Уставот на државата. Први во оваа „категорија“ се 4 174 кои се декларирале како Торбеши или 0,23 отсто.

Според изјаснувањето за етничка припадност, од заедниците што не се вклучени во Преамбулата на Уставот следни по бројност (по Бугарите) се Египќаните – 2 406 или 0,13 отсто од вкупното резидентно население. Потоа се Хрватите – 2 145 на број или 0,12 процени.

Како Црногорци се изјасниле 1 023 или 0,06 проценти, додека 344 лица или 0,01 отсто се декларираат како Југословени.

За дури 132 260 лица или 7,2 отсто од резидентното население не е позната етничката припадност, затоа што за нив податоците се црпени од административни извори. Од нив 66 338 се мажи, а 65 922 жени.

Од вкупното резидентно население во земјава, 58,44 отсто се етнички Македонци, а 24,3 етнички Албанци. Следуваат другите етнички заедници застапени во Уставот: 3,86 отсто Турци; 2,53 Роми; 0,47 Власи, 1,3 Срби; 0,87 Бошњаци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.