Јавниот интерес за политичарите мора да биде над се, како и зголемената потреба од отчетност и одговорност на избраните и именуваните функционери кои на располагање го имаат државниот имот и носат одлуки кои може да имаа трајни последици за сегашните и идните генерации, на јавноста и обелоденуваме дека во владата има министер кој не може да се носи со секојдневните обврски и согласно вешт наод и мислење од специјалист психијатар од 16.02.2023 година, подолг период е на седативи и има чувство на немоќ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Тој потенцира дека за да се биде министер или премиер на една држава треба да поседуваш одредени квалитети, но и да имаш соодветни реакции во дадени ситуации кои не секогаш ќе бидат пријатни.

Според стручни лица кои како пратеник ги консултирав неподготвеноста за соочување со вистината и стравот поради своите несоодветни постапки може да предизвика манифестации в однесувањето како резултат на психичката состојба. Конкретно на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала, изјави тој.

Ковачки потенцираше дека според извештајот  министерката чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и вели 3 месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир, често има нарушен сон и инхибиција.

Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на министерката која доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптиварен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката ѝ е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи, изјави Ковачки.

Тој истакна дека според Законот за класифицирани информации односно уредбата член 4 точка 13, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице кое страда од ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето дури и ненамерно потенцијален безбедносен ризик што се утврдува врз основа на медицинската документација.

Прашањето до премиерот дали мислите дека има потреба за итно разрешување на министерката за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба за која има писмен документ од психијатар? Дали ќе ја разрешите, прашува Ковачки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.