Во манастирот Св.Прохор Пчински покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на црковно-државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, утринава за верскиот празник Св.Илија заедничка литургија сослужуваа владици на СПЦ и МПЦ-ОА, јави дописникот на МИА од Белград.

Со заедничката литургија во црквата во манастирот Св.Прохор Пчински чиноначалствуваше Врањскиот епископ г.Пахомије, а на литургијата сослужуваа Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков од МПЦ-ОА и епископот Давид од ПОА.

Во манастирот Прохор Пчински празникот Илинден денеска ќе го одбележат и Македонците од Србија, бидејќи 2 Август е државен празник за македонското малцинство во Србија.

Државнo-црковна делегација денеска е во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година ќе ја предводи претседателот Стево Пендаровски.

Во состав на државно-црковната делегација на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

Од српска страна, на чествувањето ќе присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.

Во параклисот на манастирот Прохор Пчински поставена е спомен плочата за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, пред која ќе се одржи и чествувањето на Илинден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.