Советот на јавни обвинители во петок треба да избере вршител на должноста кој ќе го замени актуелниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески на кого во понеделник му истекува мандатот.

Вршителот на должност ќе се избере од редот на републичките обвинители и тој ќе биде на оваа функција до изборот на нов републички јавен обвинител за кого постапката е во тек. На огласот пријавени се тројца кандидати – Лидија Раичевиќ, Фатиме Фетаи и Љупчо Коцевски.

Инаку, на денешната седница на Советот на јавни обвинители обвинителката од ОЈО ГОКК Лиле Стефанова е избрана за обвинител во Републичкото обвинителство. Покрај Стефанова, избран е и Наум Пановски од скопското Вишо обвинителство.

Стефанова беше дел од тимот на СЈО, а во моментот единствен активен предмет кој го води е „Титаник“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.