Николов: Десет дена викаа дека не може да има плати за здравствените лица, ноншалантноста во ФЗО ја чувствува цела држава, загрозени се податоците на граѓаните, загрозени се медицинските тајни
Здравствениот систем е комплексна целина и се состои од неколку столбови, тоа се даватели на здравствени услуги, корисници на здравствени услуги и тој кој ги покрива трошоците. Во дадениов случај, Фондот, кој ги покрива трошоците и ги зачувува и ги има податоците, последниов период беше под некаков напад. Врз основа на тоа не само дека здравствените работници не си ги зеле платите, бевме сведоци дека и тие кои ги користат здравствените услуги, кои треба да одат на лекар, треба да земат боледување, лекови сите беа афектирани, изјави за „Заспиј ако можеш“ на Алфа, д-р Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека целиот проблем се надополни што ФЗОМ не можеше да ги исплати давателите на здравствени услуги.
Во амбулантите ние ги гледаме тие работи. Мајка која е скоро породена оди по аптеки да чека ред да ѝ дадат лек, а тоа е тешко остварливо или ставете се на место на повозрасните. Сфативме дека проблемите биле многу поодамна и некој реши да не ги каже, но сето се дозна кога се јави задоцнување кое се манифестираше во јавност и доведе до сериозно незадоволство, но и страв, рече Николов.
Николов истакна дека ФЗО располага со илјадници податоци, меѓу кои и лични за граѓаните, но и тие кои даваат здравствени услуги, затоа се отвораат многу прашања, бидејќи загрозени се медицинските тајни.
Станува отворено прашање што се случува со нашите податоци и зошто ФЗО не излезе да каже порака на смирување и да каже што точно се случува, можеби некој ги користи нашите податоци, рече тој.
Николов потенцира дека власта десет дена викаше дека не можат да исплатат плати и одеднаш решија дека може преку трезор или проблемот бил наводно решен и тоа нејасно кажано.
Проблемите како што знаеме биле нотирани, но дали нешто било преземено, некомпетентноста ја чувствуваме сите. Очигледно здравствените услуги зависат од среќа или несреќа. Ако имате среќа ќе имате шанса да добиете лекови или ќе чекате. Последниве 2-3 месеци им викаат ќе добиете лек, не е проблем и каде е лекот? Таа ноншалантност пречи кога гледате дека некој бахато се однесува со податоците. Замислете тие да се појават некаде, нагласи Николов.
Николов потенцира дека поради ваква несигурност и вакво однесување државата не може да ги задржи лекарите.
Имаме специјализанти кои пробуваме да ги задржиме и да не ни бегаат и сега овие млади луѓе викаат дека не зеле плата од септември затоа што управниот одбор на ФЗО требало да заседава и нема заседавано. Тие не заседавале за финансирање на младите лекари и затоа младите лекари учат германски. Се соочуваме со состојба која ги демотивира тие кои останаа и тие кои имале план да останат, изјави Николов.
Во врска со најавениот протест на лекарите, Николов посочи дека синдикатот одлучил сепак да се одржи протест бидејќи се ова не може да се игнорира, бидејќи пред две години им викаа на лекарите дека се херои, сега не ги сметаат за ништо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.