Нема да се одржи протестот што го најавија за утре напладне синдикалните организации од АД Пошта. Одлуката за протестот е ставена времено во мирување поради почнати преговори за сидникалното барање за линеарно покачување на платите на вработените, информираа денеска од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Синдикалните претставници вчера одржале состанок со Управниот одбор на Пошта, од каде, како што велат од КСС, беше прифатено барањето на синдикалните организации на Друштвото за линеарно покачување на платите на вработените со почнување на постапка во истиот момент за реализација на барањето. Добиле ветување дека задутре ќе имаат заедничка средба со УО и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Како преставник на Владата во чија 100 процентна сопственост е А.Д Пошта, во постапката за реализација на барањето за линеарно покачување на платите на вработените ќе се вклучи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со одржување заеднички состанок на 21 март со претставници на Синдикалните организации и Управниот одбор на А.Д. Пошта. Во таа насока закажаниот протест на Синдикалните организации на 20 март во 12.00 часот, пред Дирекцијата на А.Д. Пошта и пред Владата, нема да се одржи, односно, времено ќе биде во мирување поради отпочнатата постапка за преговори во рамки на трипартитниот дијалог за постигнување договор и реализација на барањето на Синдикалните организации, стои во соопштението.

Доколку не се постигне договор во најбрз рок со Владата и Управниот одбор, синдикалните оргнизации најавуваат дека ќе продолжат со постапката за организација на протест како и поведување постапка за штрајк на вработените во Пошта со цел да се постигне решение на барањето на вработените за линеарно покачување на платите и заштита на работничките права и достоинство.

Синдикалната организација на АД Пошта и Синдикатот на Македонска пошта претходно соопштија дека причина за протестот е незадоволството и револтот на вработените од 30 годишното непокачување на платата, загриженоста за иднината на компанијата и незадоволство од долгогодишните супстандардни услови за работа и необезбедени средства и опрема за работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.