Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев декеска заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска, ги посети управните служби на МВР кои се наоѓаат во зградата на Македонска телевизија, со цел, како што велат, увид во процесот на замена на личните документи на граѓаните.

Како што информираат од МВР, раководството на Одделот за граѓански работи во зградата на МТВ, го информирал Бојмацалиев за процесот на промена на личните документи на граѓаните.

Ако ги земеме месеците декември 2023 и јануари 2024 во однос на процесот на промена на патните исправи на граѓаните вкупната бројка изнесува 176.159, што е четирикратно зголемување споредбено со истиот период од два месеци од 2023, 2022 и 2021 година, кога таа бројка месечно не надминувала 24.000. Со тоа можам слободно да констатирам дека е постигнат рекорден број во овие два месеца, вели Бојмацалиев.

Во оваа прилика дополнителниот заменик министер Бојмацалиев потсети на исплатената дополнителна плата на вработените вклучени во процесот на промена на личните документи, кои неуморно и посветено работат за време на викенди и празници, за што уште еднаш упати благодарност до колегите.

Она што дополнителниот заменик-министер од СДСМ заборави да напомене е дека најголемиот дел од тие 176.159 граѓани сè уште не ги добиле своите документи, два месеца по сликањето. Дел од нив ја чекаат новата пратка обрасци и нивните документи уште не се готови, на дел, пак, им се готови, но не се донесени на местото за подигнување.

Утрово МВР ја информираше јавноста дека со цел да се олесни процесот за подигање на готови пасоши, од понеделник граѓаните кои се фотографирале за пасош во објектот на МРТВ или во ПС Пролет ќе добиваат СМС порака откако ќе им биде изготвен пасошот за да дојдат да го подигнат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.