Во општина Центар Жупа денеска се спроведуваат по вторпат повторени избори за градоначалник. 

Во 7 часот отворени се сите 16 гласачки места. Во единствениот избирачки список запишани се 7.154 лица  а за да биде избран градоначалник гласачкото право треба да го остварат 2.385 лица. Вчера гласаа 29 болни и немоќни лица, изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија. 

Очекува изборниот ден да мине во најдобар ред, со поголема излезност во попладневните часови.

На гласачкото ливче овој пат е само еден кандидат, предложен  од политичка партија. 

Во оваа печалбарска општина, каде над 60 отсто од популацијата живее во некоја западно европска земја,  се повторува гласањето за градоначалник бидејќи ниту на редовните локални избори на 17 октомври минатата година, ниту на повторените на 17 април годинава, не беше обезбеден потребниот цензус од една третина или 33,33 отсто од вкупното гласачко тело. Во октомври излезноста беше 25,77 додека во април 29,97 отсто. 

Поради масовното присуство на печалбарите, кои по традиција во август доаѓаат во родниот крај, оправдано се очекува да се обезбеди потребниот процент на излезност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.