Во 40 основни училишта е поставена нова информатичко-комуникациска опрема за безбеден пристап до интернет, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Преку современата опрема учениците ќе можат безбедно да пристапуваат до глобалната интернет мрежа со цел полесно да ги совладуваат наставните материјали, а истовремено да пребаруваат и дополнителни едукативни содржини.

Пристапот е овозможен преку безжични пристапни точки во сите училници, а пребарувањето на содржините е ограничено само за образовни потреби. МОН во насока на заштита на учениците, преку централизиран систем ќе ги оневозможи сите содржини кои се означени како несоодветни за возраста на децата, соопштија од МОН.

Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка.

Претходно, МОН инвестираше во нови персонални и преносни компјутери за училиштата, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци и слично. Исто така, беа набавени и нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.