Директорот на  Тхор Индустриес Дрин Ахмети и внук на претседателот на ДУИ Али Ахмети  најавии дека ќе го тужи претседателот на партијата БЕСА и градоначалник на Тетово Биљал Касами ако јавно не се извини за обвинувањата кои денес ги изнесе на прес конференција за работењето на компанијата.

„Во врска со прес-конференцијата оддржана од страна на претседателот на партијата БЕСА и градоначалник на Тетово Биљал Касами, сакаме да ве информираме дека се работи за комплетна невистина и погрешна пласирана информација во јавноста. ‘Тхор Индустриес’ ги демантира сите невистини искажани од господинот Касами кои наведуваат на неетичко работење поврзани со компанијата“, стои во соопштението до јавноста од Дрин Ахмети.

Според него овие тврдења на Касами се целосно невистинити, кои нанесуваат штета и на компанијата и на неговиот личен углед.

„Ваквите лажни тврдења прават штета на компанијата, како и на личниот углед на сопственикот Дрин Ахмети.  ‘Тхор Индустриес’ бара јавно извинување од страна на партијата БЕСА и господинот Касами, во спротивно ќе ги превземе сите правни дејствија за претрпената штета од невистините изнесени од страна на господинот Касами“, стои во соопштението од Дрин Ахмети.

Тетовскиот градоначалник Касами на денешната прес конференција го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети да објасни како неговиот внук преку ноќ станал милионер со капитал тежок 32 милиони евра.

„Ако сте толку уверени во повикот до обвинителството, судот или до антикорупционерите, може ли во име на вистината да појасните, без да навлегувате во истрагите што ги барате, како внук ви успеал, преку ноќ, едно утро да се разбуди со милиони на својата сметка?. Може ли вие и вашиот директор Фестим да ни објасните, дали внукот, во знак на благодарност, се сликал со него пред да го добие грантот од 80 000 евра или по него? Господине Ахмети, бидејќи сте толку сигурни во она што го зборувате и во ветингот што го барате, можете ли да ни објасните како се случи концесијата за хидроцентралата за 23 години“, праша Касами на денешната прес конференција.

Компанијата „Тхор индустрис“  на Дрин Ахмети е една од двете компании кои го купуваат трговскиот центар „Соравиа“ во Скопје. На прес-конференција минатата недела Дрин Ахмети соопшти дека заедно со  албанската компанија „Пе-вла-ку“ ја купуваат „Соравиа“, при тоа не открија за колку пари го купуваат трговскиот центар.

Тој рече дека иако не вложил ниту еден цент во купувањето на „Соравиа“ и не презел обврски за кредитот, сепак е сопственик на 39 проценти.

Денеска и Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ откри оти власта крие дека Ахмети е еден од подизведувачите на коридорите што ги гради „Бектел и Енка“

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.