ВМРО-Народна партија со внимание го следи моралниот пат и сопственото самопонижување на министерот Никола Димитров.
Во македонската триесетгодишна демократија досега заминале многу министри ама вакво плачење за министерска фотелја одамна немаме видено, се наведува во соопштениeто на партијата.

Како министер Димитров потпиша два недоречени договори, од правен аспект кои до ден денес ѝ носат штета на Македонија, се додава во соопштението.

Во Преспанскиот договор со Грција очигледно заборавил да ги стави точките за гарантирана согласност од страна на Европската унија за нашата евроинтеграција и сукцесивност во менувањето на иместо односно како Македонија ќе напредува во интеграциите така и да се движи процесот на менување на името.

Во договорот, пак, со Бугарија исто така нема член за безусловна поткрепа на евроинтеграцијата од страна на Бугарија што денес практично е најголемиот наш проблем, велат од ВМРО-НП.

 

Впрочем Димитров, велат од партијата на Љубчо Георгиевски, во своето заминување за да се претстави како патриот ја избира токму темата за Бугарија, но забележуваат дека на тој начин „самиот му помага на нашиот источен сосед кој цело време вели дека да се биде Бугарин во Македонија е многу тешко“.

Не смееме да заборавиме дека семејството Димитрови е едно од најпрозваните во минатите триесет години како бранители на тезата за ‘македонските Бугари’. Има многу колумни па дури и книги од членови на неговото семејство кои зборуваат за бугарскиот карактер на Македонија. Овој негов излив на антибугаризам го сметаме само како доказ за тоа со какви лични фрустрации и комплекси растело едно дете во такво семејство, велат од ВМРО-НП.

Бараат од Димитров да ѝ објасни на македонската јавност, кога потпишувал договор во кој јасно пишува „општа историја со Бугарија“ што тој подразбирал под поимот „општа“ кога го потпишувал договорот?!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.