ВМРО-ДПМНЕ утревечер, по седницата на Извршниот комитет, ќе ги соопшти имињата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и на дополнителните заменици министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство кои ќе бидат дел од техничката влада.

Седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да почне околу 20:30 часот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е овластен од Централниот комитет на партијата во консултација со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители, да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.

Техничката влада треба да биде избрана сто дена пред парламентарните избори што се договорени за 8 мај. На 24 април ќе се одржат претседателските избори.

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека в четврток ќе поднесе оставка, а претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер, утре ќе ги објави датумите за неговата оставка и за изборот на техничката влада. На негово место ќе дојде Јован Митрески од СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.