ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска до Собранието поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада со цел да се избришат одредбите пред избори да се формира преодна, односно т.н. пржинска влада. Очекуваат предлогот да биде ставен на седница што ќе се одржи во среда и бараат што побрзо одржување предвремени парламентарни избори.

-На Македонија веднаш и се потребни итни предвремени парламентарни избори. За таа цел пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада, изјави координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во овој момент кога се актуелни неколку кризи и кога, како што рече, владее општ хаос во државата, „Македонија не смее и не може да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада која нема да реши ниту еден од проблемите со кои се соочуваат државата и граѓаните“.

-Втората клучна интервенција во овој Предлог-закон е што согласно Деловникот за работа на Собранието предлагаме и бараме тој да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието кое треба да се одржи во среда, 26 јануари. Од овие причини овој Предлог закон го поднесуваме во скратена постапка, рече Мицевски.

Тој информира дека денеска на редовна координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери ги понудиле измените за поддршка и потписи до парламентарното мнозинство, но, од таму не се изјасниле по однос на прашањето.

Дали очекувам да биде прифатен? Јас очекувам да биде прифатен затоа што гледаме дека начинот на функционирање, односно „пржинската влада“ не функционираше, ниту на минатите парламентарни избори кога на политички договор, предлог на министри за таа влада имаше измена на еден министер. Дополнително државата се наоѓа во толку лоша катастрофална состојба што одржување на парламентарни избори со 100 дена влада е неодржливо и незамисливо. Замислете во држава во која што во моментот имаме четири вонредни ситуации, односно кризни состојби прогласени од страна на државата во ситуација, кога пола Македонија се смрзнува и во ситуација кога енергетската криза виси најјако на главите на македонските граѓани за разлика од соседните земји ние да преговараме и да договараме „пржинска влада“, рече Мицевски.

Тој вели дека е поминато времето за „пржинска влада“ и оти што побрзо треба да се излезе од оваа ситуација. Предвремените парламентарни избори, вели, се неопходни, а власта треба да излезе пред граѓаните затоа што на последните локални избори македонските граѓани го кажале својот став по однос на ова владејачко мнозинство.

-Брзите предвремени избори се неопходност за државата. Гледате самите дека ниту новиот премиер, ниту ова мнозинство има кредибилитет од граѓаните после резултатите од последните локални избори. Анкетите и анализите коишто ги прават и тие самите покажуваат дека граѓаните не им веруваат на ова мнозинство, дека единственото барање односно желба за останување на власт е да продолжат да лажат и да крадат од граѓаните. Затоа ние бараме брзи предвремени избори, рече Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.