Aко навистина Ковачевски сака да гради национално единство во Собранието за националните прашања, тогаш има одлична прилика, да ја прифати Декларацијата за ликот и делото на Гоце Делчев. Ако Делчев не е добар повод за национално единство и ако Декларацијата во Собранието не е најдобра прилика, тогаш не знаеме што е, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ откако вчера пратениците на СДСМ и на ДУИ не гласаа за Декларацијата.
Еве му прилика да покаже дека не се само декларативни неговите изјави за единство. Ако му пречи, тогаш Ковачевски треба да каже што е спорно во текстот на Декларацијата, да каже дали има против да се афирмира револуционерното дело на Делчев во годината кога се одбележува јубилејот 150 години од неговото раѓање. Нека покаже Ковачевски за чии интереси работи, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат ако Ковачевски продолжи да молчи за подадената рака за национално единство, тогаш тоа гласно ќе говори дека на големо се работи на нови договори со Бугарија на штета на македонските интереси, идентитетот, јазикот и историјата.
Ајде Ковачевски, охрабри се, одвој се од Заев и прифати ја Декларацијата за Гоце Делчев во Собранието, така се гради национално единство, се нагласува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.