Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека во моментов има оглас за избор на кандидат за претседател на државата на кој може да се пријави секој заинтересиран до 21 февруари и да биде дел од конвенцијата, доколку ги исполнува условите. Тој најави дека утре ќе имаат конститутивна седница на Републичкиот изборен штаб, со што и официјално ќе ја почнат кампањата.

Конвенцијата за избор на кандидат претседател е на 2 март. Во моментов има оглас. Сите кои ќе ги исполнат условите, до 21 февруари може да се пријават. Подготовките течат, изјави денеска Мицкоски по увидот на градежни активности на изградба на кејот на реката Серава во Скопје.

Тој за утре најави и официјално почнување на кампањата и посочи дека очекува повеќе кандидати и од други политички партии, вклучително и албанските.

Независно од огласот, не мериме имиња. Можам да кажам не се повеќе од три во моментот, но огласот е отворен и тоа е независен процес од анализата што ја прави партијата. Секој кој ќе ги исполни условите ќе биде дел од конвенцијата за избор на претседател, односно претседателски кандидат што ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и претседател на Македонија, додаде Мицкоски.

На новинарско прашање дали се водат разговори за предизборно коалицирање, тој рече дека течат разговори со многу политички партии, но најпрво треба да завршат разговорите со политичките партии кои досега беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.