ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ѝ помогне на оваа Влада, изјави претседателот на партијата Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговиот предлог за формирање работни групи за економија, надворешна политика, здравство и образование со претставници на власта и опозицијата кои би работеле заедно до одржувањето на предвремени избори за решавање на проблемите во општеството.

Тој истакна дека граѓаните на последните локални избори јасно кажале каква иднина сакаат да имаат и која политичка опција ја подржуваат, изразувајќи надеж дека наскоро на предвремени парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе ја потврди поддршката со убедлива победа и мнозинство во Парламентот.

Според Мицкоски, земјава е пред банкрот, се подготвува аранжман со ММФ од 900 милиони евра, затоа што никој „не може да даде по поволни услови еврообврзница или ако даде тоа ќе биде со висока камата“. Според него, имаме катастрофа во здравството од почетокот на пандемијата до денеска, а во образованието просветниот кадар неколку недели штрајкува.

Тие не се решението, тие се проблемот, а ние сакаме да бидеме решението, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Не е нормално премиерот да нема комуникација со лидерот на најголемата политичка партија, рече Мицкоски и побара од Ковачевски да закаже средба.

На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја.

Четири тима кои ќе работат заедно со тимови од власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно без никакви права и привилегии. Тука сме да ѝ помогнеме на Македонија кога ѝ е најтешко.

И тоа првиот тим  во делот на економијата ќе го предводат двата потпретседатела на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот пратеник и потпретседател Владо Мисајловски и потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска. Во тимот ќе бидат како предлог професорот Трајко Славески, членот на ИК Маја Кадиевска Војновиќ и поранешниот министер и вицепремиер на владата Зоран Ставрески.

Вториот тим е за надворешна политика и преговорите поврзани со нашиот источен сосед, ако има што уште да се преговара бидејќи според информациите кои што доаѓаат до нас веќе Ковачевски се аминувал, тука ги предлагам двајцата потпретседатели Александар Николоски и Тимчо Муцунски, потоа претседателот на собраниската комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, амбасадорот Марјан Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска Давкова.

Третиот тим во делот на здравство каде што мислам дека е потребно огромна поддршка во овој меѓупериод за да им се помогне пред се на граѓаните да имаме хумана мисија, да нема партизација, да нема поларизација, и тука тој тим ќе го предводи вонреден професор, доктор Игор Николов, дел од тој тим ќе бидат и пратеникот доцент доктор Синиша Стојаноски, потоа членот на ИК доцент доктор Ристе Симеонов, потоа доктор специјалист Игорче Џиковски и примариус доктор Жаклина Шопова.

Четвртиот тим ќе биде тим кој што ќе им помогне во делот на образованието, него ќе го предводи професор доктор Весна Јаневска, а во тимот ќе бидат пратеничките Бети Стаменковска и Благица Ласовска. Исто така во тим ќе биде насловниот доцент Христина Серафимовска, како и членот на ИК на партијата магистер Марија Митева.

Ова нема да биде шведска маса, на која премиерот може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа. Туку пакет се за подобра иднина на Македонија. Дефинираме дата, а во меѓупериодот овие луѓе се тука, про боно, без привилегии да и помогнат на Владата, без партизација, без политизација, за да можат да се решат акутните проблеми во општеството и да ги ослободиме граѓаните од тензијата во која што живеат. А, потоа на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има.

Не барам да брза, нека размисли, знам што ќе го советуваат веднаш треба да одбие, нека не одбива и нека размисли, нека преспие, нека се советува со повеќе луѓе и очекувам одговор во следниве десет дена, нека биде краен рок десетти мај, вторник. На таа средба да разговараме и за актуелните прашања поврзани со изборите, но и за она останато кое што е важно и кое што граѓаните го очекуваат од нас. 

Македонија е земја на слободни индивидуи, непрегор на татковците кои се бореа за нашата кауза, и наша света обврска таа борба да донесе иднина. Затоа доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори. Доколку биде одбиена средбата ќе се покаже дека државата има отсуство на било какво лидерство, а народот ќе мора да дојде по своето. Затоа што сето ова како што имаше почеток има и свој крај. И порака до меѓународните пријатели алармот одамна веќе свети на црвено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.