Планот за дестабилизација на државата е осуетен, велат од ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател Христијан Мицкоски неодамна кажа дека ДУИ наесен планира да ја дестабилизира земјата. Од владејачката партија, тежиштето од ДУИ сега го преместија кон СДСМ.

„СДС не може да остане нем посматрач, мора да кажат дали и тие чекаа на ДУИ за да ја дестабилизира државата? Па сега и едните и другите откако претседателот Мицкоски им го осуети планот се прегрупираат и се вадат дека само ќе протестираат. И СДС и ДУИ имаат само една цел, нивните корумпирани функционери да не одговараат за криминалот и грабежот на државата.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски претходно ги оцени тврдењата на Мицкоски како „замајување на јавноста“. Во телевизиско интервју тој истакна дека во случај ваквите информации да биле точни тогаш веднаш би требало да реагира Јавното обвинителство, а претседателката на државата да свика седница на Советот за безбедност. Според Спасовски, многу е несериозно премиер на држава да изнесува информации за дестабилизација, а државните органи да не преземаат ништо.

„Треба веднаш да се реагира и да тие коишто тоа го подготвуваат бидат приведени и таа група да сноси одговорност. Е сега, бидејќи тоа не се случува – ова е чисто замајување на јавноста. Ќе фрлите информација во јавноста, демек ќе се случува нешто крупно во државата, за да ги прикриете сите овие работи коишто катастрофално се спроведуваат од почетокот на формирањето на оваа Влада.“, рече Спасовски.

И СДСМ, но и владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“, веќе го повикаа премиерот Мицкоски да ги сподели информациите во Јавното обвинителство.

Од „Вреди“ повторија дека не знаат со какви информации располага Мицкоски, но истакнаа дека ДУИ е немоќна да направи дестабилизација и се обидува да направи паника. На прашањето што подразбирал премиерот Мицкоски кога кажал „дестабилизација“, од Вреди одговорија:

„Изразот дестабилизација е израз кој не извира, во оваа околност, не извира од владината коалиција, не извира од другите политички партии, туку е израз кој потекнува од самото ДУИ.“, вели Фари Хисени.

Функционери на ДУИ претходно ги квалификуваа изјавите на Мицкоски како политички блеф, но нагласија дека ќе ги користат сите демократски методи за да ја спречат, како што велат, мајоризацијата и понижувањето на гласот на Албанецот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.