Денес, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесе барање до пратеникот Панчо Минов, претседател на комисијата за деловнички прашања и прашања од етичкиот кодекс, да закаже во најкус можен рок седница на која што ќе се расправа за тешките повреди на етичкиот кодекс од страна на пратеникот и Претседател на Собранието Талат Џафери, кои што беа направени на 11 мај годинава, информира Антонијо Милошоски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на кои што ќе може да работи оваа комисија. Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група, биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин, претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на етичкиот кодекс. Би сакал јавноста да ја запознам, дека господинот Талат Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што во член 14 е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието. Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство, истакна тој.

Милошоски  истакна:

„Апелирам, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на етичкиот кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгатностите беа родово базирани на стереотипите на кој што очигледно сеуште во својот софтвер ги има Талат Џафери иако е претседател на Собранието.

Се надевам дека пратеникот Панчо Минов нема да одолговлекува и дека ќе ја закаже оваа седница во најкус можен рок за да можеме со аргументи да донесеме и санкција за спикерот Талат Џафери“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.