Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина предупредува дека на денешната седница на Комисијата за европски прашања ќе биде дополнет дневниот ред со Предлогот на закон за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри, кој беше пуштен во Собраниска процедура со ЕУ знаме на 16 март оваа година.
Дали упадот на Државна лотарија во досегашниот систем на игри на среќа со одлуката капитално да учествува во формирањето три нови трговски друштва за организирање игри на среќа преку интернет, е всушност вовед во ставање клуч на врата на обложувалниците и автомат клубовите? Дали некој лажно верува дека приходите од досегашниот систем на организирање игри на среќа можат да се заменат со приходи од игри на среќа преку интернет? Или можеби се работи исклучиво за задоволување лични бизнис апетити во кои ќе се жртвува цела економска гранка за во Македонија да царуваат фирми на кои ќе им се дозволи да организираат игри на среќа без ниту еден вработен-прашуваат од Асоцијацијата.
Оттаму додаваат дека власта свесно или несвесно ризикува 10.000 граѓани да останат без работа.
Со сличен став е и ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека од власта нема демант дека со потпис на Артан Груби игри на среќа ќе приредува контроверзниот бугарски тајкун Васил Бошков-Черепот.
Овој лик кој Артан Груби се обидува да го востоличи како бизнис партнер на државата во игрите на среќа е ставен на црната листа на САД со актот Магнитски. Токму со овој акт Черепот и неговите компании се санкционирани како дел од борбата на САД против криминалот, корупцијата, ширењето на руски влијанија кај нашиот источен сосед. Американскиот департмент за финансии кажува дека Черепот подмитувал министри и официјални лица во Бугарија, меѓу кои и оние коишто издаваат дозволи за игри на среќа, влијаел да се донесат одлуки во негова полза. Ако тоа го правел во Бугарија за да ја шири својата коцкарска империја, тогаш веројатно истото го правел и во други земји за да ги прошири своите бизниси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.