Го поддржуваме предупредувачкиот протест на Македонската информативна агенција која денес својот револт кон владата го изрази на овој начин, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Овој чин се случува за прв пат после 25 години и го покажува начинот на кој Владата ги третира медиумските работници. Власта на СДС и ДУИ во континуитет ги лаже сите граѓани и купува специјален мир со секакви ветувања кои на крајот не се реализираат. Иако ветуваа дека покачувањето на платите на вработените во МИА е предвидено во финансискиот план за 2023 година, повторно ова остана уште едно празно ветување на власта.

Како политичка партија која ги почитува и вреднува медиумските работници и се залага за подобрување на нивните економски состојби кои ќе резултираат со достоинствена, професионална и слободна средина за работа секогаш ќе се залагаме за задоволување на барањата на медиумските работници.

Власта на СДС и ДУИ уште еднаш докажа дека не ја почитуваат медиумската слобода, потполната независност и овозможување на раст на платите во новинарството, велат од партијата.

Вработените во МИА денеска излегоа на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите.

Првпат во 25-годишното постоење на МИА вработените се принудени преку протест да бараат остварувања на нивните права. Денешниот предупредувачки протест е поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата за зголемување на платите согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, изјави Марина Илиевска, вработена во МИА и член на ИО на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Таа информираше дека МИА повеќе месеци чека барањето за зголемување на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада.

Зголемувањето на платите во МИА е предвидено во планираните расходи за плати утврдени во Финансискиот план за 2023 година односно за тоа не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот, дополни таа.

Илиевска посочи дека поради потпросечните плати и неодобрувањето на нови вработувања, МИА веќе се соочува со одлив и недостаток на кадар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.