Делегација на Владата предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во чиј состав се министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, во рамки на државната програма по повод 2 Август- 120 години од Илинденското востание и 79 години од Првото заседание на АСНОМ – положија цвеќе во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Годинешното одбележување на Денот на Републиката е под мотото „120 години Илинден – Огниште на татковината“, а на свечената церемонија во Пелинце во организација на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, преку положувањето цвеќе владините претставници оддадоа почит на хероите кои ги положија своите животи за нашата татковина, оставајќи аманет за чување на слободата и вечно сеќавање на остварениот копнеж за сопствена држава, на која борците на АСНОМ ги поставија цврстите темели.
Во рамки на државната програма во Пелинце обраќање на свечената церемонија на одбележувањето во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце имаше претседателот Пендаровски.
Во него претседателот Пендаровски истакна: „Од АСНОМ па до денес, се потврдува една иста вистина: тешко е да се дојде до слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Вистинската слобода зависи од владеењето на правото и социјалната правда, од поредок во кој правата на едните нема да бидат на сметка на правата на другите.“
По свечената церемонија во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски, во чиј состав се потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, ќе остварат работна посета на Република Србија, а нивни домаќин на Прохор Пчињски ќе биде претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.
Притоа, во манастирот Прохор Пчињски ќе биде положено цвеќе од страна на македонската државната делегација и претставниците на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.