Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со првиот заменик-премиер Артан Груби, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите во Владата, за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Никола Тупанчевски, за образование и наука Јетон Шаќири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заменик-министерот за одбрана Башким Хасани и за здравство Владимир Рендевски денеска присуствуваа на свеченоста на која беа презентирани резултатите од Пописот 2021.
За резултатите, како што наведе владината прес-служба, како и за придобивките од новата методологија, пред гостите, меѓу кои и имаше претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од земјите од регионот и претставници на дипломатскиот кор во Македонија, говореа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, заменик директорот на ДЗС Илми Селами и експертот за обработка на податоците Данило Доленц од Словенија.
Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa, како што беше речено на свеченоста, по речиси 20 години е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од Пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики, се нагласува во владиното соопштение и се додава дека сите податоци од пописот се поставени на веб страницата на ДЗС и во наредниот период ќе се објавуваат сукцесивно по сетови податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.