Националниот сојуз на слепи лица на Македонија по месец и половина денеска повторно со мирен протестен марш ги повтори своите барања за системско решение за обезбедување помагалата и за покачување на додатоците за попреченост и за туѓа нега.

По вторпат за месец и половина го обновивме мировниот протест поради нашите потреби и барања. Првото барање е додатокот за попреченост да изнесува 40 проценти од просечната плата, туѓата нега 30 проценти од просечната плата и помагалата да се решат системски, истакна во изјава за медиумите претседателот на Националниот сојуз на слепи лица во Македонија, Жарко Селковски.

Тој рече дека и другите лица со попреченост имаат потреба од помош, меѓутоа кај нив проблемот е системски решен со ортопедски помагала, апарати за слух и слична помош, само слепите немаат никакво право на помагало.

Без помагалата не можеме да функционираме, а имаме проблеми со движењето, со читањето и со пишувањето. За сето тоа нас ни требаат говорни помагала за функционирање во секојдневниот живот. Апелирам и до премиерот и до Владата да не не игнорираат, да седнеме да разговараме и да најдеме решение за нашите барања односно нашите потреби, додаде Селковски.

На прашањето што досега е побарано и каков одговор добиле до сега, Селковски рече дека се работи за истите барања, но немаат никаков одговор и нагласи дека се игнорирани, како да не постојат.

Ние нема да се откажеме и по трет пат и по четврти пат, и по петти пат ако треба, ги бараме нашите права и нашите потреби барем малку да се ублажат во овие тешки времиња, изјави Селковски.

Прашан што планираат ако повторно не добијат одговор од институциите, тој најави дека набрзо ќе имаат и Извршен одбор на здружението, којшто одлучува за ваквите постапки и да се види што ќе се организира понатака.

Сојузот на слепите лица реализираше протестен марш и минатиот месец со истите барања, меѓутоа, како што тврдат, се уште не добиле никаков одговор од Владата.

Протестниот марш, започна од ДХО „Даре Џамбаз“, од каде демонстраните поминаа пред Собранието и потоа преку градскиот плоштад, го завршија протестот пред Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.