На огласот за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје се пријавиле петмина кандидати, потврди за МИА претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Јолевски, за МИА појасни дека утре Советот ќе одржи седница на која треба да донесе одлука за формирање на Комисија што ќе го спроведе изборот, кој треба да се одржи на 7 ноември.

Суспендираната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, минатата недела потврди дека поднела кандидатура за нов мандат, а дел од медиумите веќе објавија дека за оваа функција се пријавиле и обвинителката Енѓелуше Кадриу Леши од ОЈО за организиран криминал, Деса Пауноска и Ислам Абази од Вишото обвинителство – Гостивар и Ермон Незири од скопското Обвинителство.

Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Македонија.

Како што информира за МИА претседателот на Советот на ЈО, Антонио Јолевски, на 7 ноември обвинителите ќе гласаат, по што се доставуваат резултатите, а Советот во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Мандатот на суспендираната шефица на ОЈО ГОКК Вилма Русковска трае до 14-ти ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.